Залудни се обидите на Мицкоски преку измислени и непостоечки случаи да ја врати државата во темното минато на изолација, уназадување и неизвесност, реагира СДСМ.
„Како што јавно соопшти Владата, поради доцнењето на слетувањето на авионот, а со цел да се исполнат сите активности од агендата, биле изоставени сите протоколарни свечени активности при дочекот, вклучително гарда, цвеќиња, воени почести, интонирање на химната и слично. Македонската химна ниту била ниту е спорна или предмет на преговори. Таа досега била интонирана во повеќе прилики во присуство на официјални претставници од грчка страна и натаму ќе биде интонирана согласно протоколите. Македонската химна е признаена од целиот свет“, наведе СДСМ во реакцијата.
Од владејачката партија велат дека Мицкоски продолжува со лицемерието и лажниот патриотизам.
„Вчерашната прва посета на еден грчки премиер на Скопје во 28 години е доказ дека пријателствата носат економски придобивки, успешноста политиките на Владата предводена од СДСМ во намерата државата да стане дел од демократскиот развиен свет. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нема да ја вратат државата назад, наместо на измислици нека се подготват за пораз на претстојните избори“, додава СДСМ во реакцијата.