Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оствари средба со граѓаните во општина Демир Капија, каде истакна дека премиерот Зоран Заев и СДСМ користат ниски страсти злоупотребувајќи човечки судбини само за да се дограбаат до моќ и пари.
„Се сеќавате кога нѐ убедуваше на оние војаерски прес-конференции дека не била трагична случка, туку убиство смртта на новинарот, Никола Младенов. Се сеќавате како тој имал материјали, а тие материјали ќе ги пуштал бидејќи тоа било нарачка, но години потоа улогите се сменети и тој Зоран Заев денеска е премиер. Сопругата на Никола Младенов јавно практично кажа дека тоа бил немил настан. Се сеќавате на Нешковски, јас сум сигурен дека тој не знае денеска како живее тоа семејство, не знае ниту прашал како од први до први успеваат да скрпат, а не пак да ги посети. Но, на тоа градеше кариера и прес-конференции, шарена револуција поведе низ државата, а каде е сега, го нема“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Заев не ги остварил ветените 500-тини евра плата и додаде дека два века затворска казна добиле патриоти, додека борците кои што се вратиле од боиштата од Сирија добиле 6 години.
„Помалиот мој син Антонио има шест години, ќе има девет кога најверојатно некаде по улица ќе сретне некој повратник од боиштата од Сирија и од Ирак. Овие деца овдека што се со нас најверојатно шетајќи по улицата ќе се погледаат со тие луѓе после шест години, а овие луѓе кои што си ја сакаат државата, патриоти добија 18 години“, кажа Мицкоски.