Ресторан во луксузен хотел во Токио нуди хамбургер по цена од 800 евра, во чест на новиот цар кој должноста ќе ја преземе кон почетокот на мај.
Хамбургерот е со пречник од 25 сантиметри и тежи 3 килограми. Се состои од гускина паштета, говедско месо и црн тартуф, а се послужува наросен со злато.
„Сакаме да го прославиме доаѓањето на новиот цар и новата ера во Јапонија“, изјави готвачот Патрик Шимада, кој го подготвува скапиот оброк.
Златниот џиновски хамбургер ќе може да се купува до крајот на јуни. Консумирањето месо во Јапонија во минатото беше забрането, но забраната беше укината во 1872 година од царот Меиџи. Хамбургерот како оброк стана популарен во Јапонија од Втората светска војна, со доаѓањето на Американците.
Јапонскиот цар Акихито ќе абдицира на 30 април и тоа ќе биде првото доброволно напуштање на престолот по цели два века. Ден подоцна, принцот Нарухито ќе биде крунисан и ќе почне нова ера.