Шефот на дипломатијата, Никола Димитров денеска и утре ќе учествува на состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што ќе се одржи во Вашингтон.
Ова е прв состанок на министерско ниво на кој, претставена преку министерот Димитров, нашата држава активно ќе учествува во својство на поканета земја за членство.
Димитров во Вашингтон отпатува по покана од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и американскиот државниот секретар Мајк Помпео, соопшти МНР.
Прославувајќи ја 70-годишнината од формирањето на НАТО, Вашингтон ќе биде домаќин на серија пригодни настани и свечености, на кои ќе учествува и Димитров.
Меѓу нив е конференцијата „NATO Engages: The Allianceat 70″, на која Димитров, заедно со неговиот грчки колега Јоргос Катругалос, ќе говори на тема „Наследството и иднината на НАТО-политиката на отворени врати”, непосредно пред изјавата на потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
Се очекува на конференцијата да присуствуваат повеќе од 200 официјални претставници на државите членки на НАТО. Јубилејот ќе биде симболично одбележан со прием во Andrew W. Mellon Auditorium, каде што во 1949 година бил потпишан Договорот со кој се ставени темелите на Северноатлантската алијанса. Церемонијата ќе биде заокружена со поздравни обраќања на Помпео и Столтенберг.
Работната посета на Вашингтон ќе биде збогатена со непосредните средби што министерот Димитров ќе ги оствари со Помпео и Филип Рикер, помошник-државен секретар. Се очекува посебно внимание да биде посветено на безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата и придонесот на нашата земја кон глобалната благосостојба, наведуваат од МНР.
Во својство на „поканета земја – invitee“, министерот Димитров ќе учествува на двете работни сесии, работниот ручек и дискусиите со НАТО-сојузниците, посветени на широк спектар безбедносни дилеми и предизвици пред кои е исправена трансатлантската заедница.
Димитров во Вашингтон ќе има и работни средби со конгресмени и претставници на државни институции на САД, во насока на остварување поблиска соработка и продлабочување на стратешкото партнерство.
Престојот во САД ќе го заокружи со серија билатерални средби со негови колеги од земјите членки на НАТО, во контекст на процесот на ратификација на Протоколот за полноправно членство во Алијансата.