Претседателот на Словачка во заминување Андреј Киска денеска најави дека по истекот на неговиот претседателски мандат во јуни, планира да формира нова политичка партија, без да изнесе повеќе детали за неговата идеја.
Киска, кој е успешен бизнисмен и филантроп, не се кандидираше за втор претседателски мандат на изборите што се одржаа минатиот месец, на кои победи активистката за заштита на животната средина Зузана Чапутова.
Мандатот на Киска беше проследен со расправии со поранешниот словачки премиер Роберт Фицо и неговата левичарска партија, чија Влада беше потресена со повеќе корупциски скандали. Киска ги поддржа масовните протести поради убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак, кои доведоа до пад на Владата на Фицо.
На претходните претседателски избори во 2014 година, Киска, кој настапи како независен кандидат, во вториот круг го победи токму Фицо.