Европскиот парламент во четвртокот одобри безвизно патување за Британците и по излегувањето од унијата.
Тие ќе можат без виза да останат во Европската унија до 90 дена во било кој период од 180 дена. Ваквата одлука ќе стапи на сила само доколку и Британија спроведе слична мерка за граѓаните на ЕУ.
Она што е контроверзно кај законот е што го опишува Гибралтар како британска „колонија“, за што Британија рече дека е „сосема несоодветно“.
Мерката беше одобрена со 502 гласови за, 81 против и 29 воздржани. Истата сега мора да биде усвоена од Советот на министерствата и мора да биде објавена во Службениот весник на ЕУ пред 12 април за да биде ефективна доколку Велика Британија го напушти блокот без договор на тој датум.
Таа стигна до парламентот откако во средата беше усвоена со 38 гласови за и 8 против од страна на Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ) по неколкунеделните прекини на преговорите и по отстранувањето на британскиот европратеник Клод Морас како известувач.
Морас беше против додавањето на фуснота во која Гибралтар се опишува како британска колонија. Предлогот беше поддржан откако тој беше заменет со бугарскиот европратеник Сергеј Станислав, чекор за кој Мораес рече дека претставува „злоупотреба на нашите законски обврски“.
Пред гласањето, европратениците ги отфрлија обидите за одложување на гласањето, одржување целосна расправа за текстот и за додавање измени.
Во својата изјава, Станислав рече во четвртокот дека законот е „важен чекор за гарантирање на безвизно патување помеѓу ЕУ и Велика Британија по брегзит, особено во случај да нема договор“.
„Не е тајна дека преговорите беа блокирани поради инсистирањето на Советот во однос на фуснотата за Гибралтар, прашање кое не е поврзано со суштината на извештајот. Овој неодговорен пристап сериозно го поткопува духот на соработка помеѓу институциите на ЕУ“, додаде тој.



