Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, денеска пристигна во Москва на разговори со рускиот претседател, Владимир Путин, пет дена пред парламентарните избори во Израел, објави агенцијата АП.
Американската агенција забележува дека состанокот во Москва се одржува пред гласањето закажано за вторник, на 9 април, на избори што се сметаат за референдум за Нетанјаху, кој водеше кампања со акцент на неговите вештини во надворешната политика и односите што ги има со светските лидери.
Се наведува дека Нетанјаху пред поаѓањето од Израел порачал дека со Путин ќе разговара за случувањата во Сирија, вклучувајќи ја и специјалната координација на армиите на Израел и Русија.
Кремљ претходно неделава соопшти дека двајцата државници ќе ги споредат своите бележници.
АП забележува дека ова е трет состанок на Нетанјаху и Путин во последните неколку месеци.



