Јужна Кореја е првата земја во светот која лансираше 5G-интернет

Јужна Кореја ја лансираше националната мобилна 5G-мрежа два дена порано од планираниот рок, објавија денеска јужнокорејските мобилни оператори. Со ова, земјата стана прва во светот која ја воведе ваквата супербрза безжична технологија, пренесе хрватскиот портал „Индекс“.

Трите најголеми оператори SK Telecom, KT и LG Uplus ја стартуваа 5G-мрежата вчера во 23 часот по локално време и покрај претходните најави дека лансирањето ќе се случи на 5 април.

Јужна Кореја одамна е позната како лидер во светот на високата технологија, а Сеул лансирањето на 5G-мрежата го назначи како свој приоритет со цел на овој начин да го поттикне економскиот раст, кој забавува.

Шпекулациите дека американски Verzion би можел да биде прв кој ќе воведе 5G, ги принудија јужнокорејските оператори да реагираат брзо, јави агенцијата „Јонхап“.

Операторот Verzion вчера ја стартуваше 5G-мрежата, само во Чикаго и Минеаполис, една недела пред договорениот рок.

Експертите велат дека 5G-мрежата е 20 пати побрза од 4G, со интернет кој овозможува да се преземе цел филм за само една секунда.

Треба да знаете
Последни објави