(Видео) Судир на полицијата со 200 мигранти кај Солун кои тргнале кон Македонија

Грчката полиција со солзавец и шок бомби одговорија на каменувањето од 200 мигранти кои денеска се собрале од разни делови на Грција пред камп во близина на Солун за да тргнат кон Македонија и другите балканските земји во потрага по азил во Западна Европа.

Полицијата соопшти дека повеќе од 500 луѓе, вклучувајќи и семејства со деца, се собрале денеска на пченкарно поле кај мигрантскиот камп Диавата, на околу 10 километри западно од Солун, како и дека некои поставиле шатори. Десетици други пристигнуваат пеш.

Подоцна околу 200 мигранти се судриле со полицијата за немири откако се обиделе да го пробијат кордонот. Тие фрлале камења кон полицајците, кои одговориле со солзавец и шок-бомби.

Мигрантите рекле дека одговараат на анонимен повик на социјалните мрежи да стигнат до грчката граница со Македонија, оддалечена 60 километри, и да се обидат да ја пробијат оваа граница, а потоа повторно да тргнат по мигрантската балканска рута, која беше цврсто затворена во 2016 година.

Агенцијата на ОН за бегалци ги предупреди имигрантите да не упатуваат повици преку социјалните мрежи, велејќи дека нерегуларните премини преку граница се „ризични и опасни“.

Треба да знаете
Последни објави