Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на митинг се обрати пред граѓаните во Виница каде истакна дека имал средба со голем број на граѓани и директно од нив слушнал дека граѓаните со СДСМ и Заев живеат многу лошо, во беда и сиромаштија, додавајќи дека на тоа мора да му дојде крајот а тоа е возможно само со поддршка на претседателските избори за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.
-Ова не се само претседателски избори, ова е многу повеќе од тоа. Ова е крај со остатоците од транзицијата, ова е крај од криминалното семејство кое што ден денешен крстари по Европа со Мерцедес, Мајбах и Бентли. Ова треба да биде крај за недостоинствена Македонија, ова треба да биде крај за криминалците во Република Македонија и затоа ние е потребна победа, на 21-ви април масовно да излеземе и да го подржиме нашиот кандидат идниот претседател Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека Заев заборавил на сите ветувања кои што ги дал пред граѓаните и оти не е правда да се ветува загарантиран откуп и повисоки субвенции, а кога ќе дојде ден за откуп земјоделските производи остануваат на нивите необрани.
-Граѓаните едвај крај со крај врзуваат од први до први. Не е правда кога им ветувате на луѓето загарантиран откуп повисоки субвенции и стимулации во земјоделието, а кога ќе дојде денот и овде во Виница, и во Кочани и во Пелагонија останува необран на нивите, рече тој.
Мицкоски додаде дека Заев го понижал и ги изманипулрал граѓаните ветувајќи им дека кога ќе дојде на власт ќе ги открие сите нерасчистени убиства, додека сега од позиција бега.
-Не е правда господине Заев кога ќе ги лажете родителите на децата починати трагично на Смилковското езеро, а денеска да бегате да ги погледнете во очи. Да им велите дека знаете кој се вистинските сторители на тој немил настан. Не е тоа правда. Не е правда да велите дека живот ќе донесете, а пекол донесовте во Република Македонија, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски појасни дека на Македонија и е потребен честит и принципиелен претседател кој што ќе се избори за правда и правдина.
-За честита Македонија, требаат честити луѓе. Не требаат луѓе апологети на лопови и на лажови . гласот за Стево Пендаровски е глас за Зоран Заев. И тука не треба да имаме дилема тоа се двајца луѓе лице и опачина на иста паричка, истакна Мицкоски.
На крај претседателот Мицкоски побара од граѓаните да застанат рамо до рамо со ВМРО-ДПМНЕ и проф. д-р Гордана Силјановска Давкова и заедно да се изборат за победа на претседателските избори се со цел да се победат неправдите со кои што секојдневно се соочуваат граѓаните на Република Македонија..



