Анализата која ја направи Групацијата за производство на цигари при Стопанската Комора на пет различни примероци од нелегален „режан“ тутун што се продава во земјата, а која ја спроведе овластениот Научен институт за тутун во Прилеп, покажа загрижувачки резултати – содржината на никотин во ваквиот тутун достигнува и до 3,36%, а количината на катран е и до четири пати повисока од дозволената
Ако порано нелегалниот режан тутун за виткање цигари можеше да се најде само на поедини локации, најмногу на Бит Пазар во Скопје, денес веќе го има сите зелени пазари во земјата. Па дури, како и за многу други производи, може да се нарача преку мобилен телефон или интернет и да се добие на домашна адреса. Според истражувањето направено од „Платформата за граѓански организации за борба против корупција“, оваа продажба добива алармантни размери и доведува до драстично намалување на легалниот пазар на тутунски производи, предизвикува огромни штети за државата, тутунските компании и производителите на тутун. Но и го доведува во ризик здравјето на оние кои го конзумираат.
За разлика од регистрираното производство на тутун во земјата, нелегалниот „режан“ тутун не подлежи на никаква контрола од страна на надлежни институции, ниту во поглед на неговиот состав, потекло, начин на складирање и останати карактеристики кои влијаат на неговиот квалитет.
Аанализата која ја направи Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора на Македонија, во која членуваат сите домашни производители, како и увозниците на цигари, на пет различни примероци од нелегален „режан“ тутун што се продава во земјата, а која ја спроведе овластениот Научен институт за тутун во Прилеп, покажа загрижувачки резултати и ги потврди сомнежи во врска со исправноста на ваквите нелегални производи. На пример, хемиската анализа на редуктивен шеќер и никотин покажа дека најверојатно се работи за тутуни од сортата „Вирџинија“ или „Отља“ чие производство во државата се смета за нелегално. Притоа, содржината на никотин во ваквиот тутун достигнува и до 3,36% што е многу висока вредност, ако се знае дека согласно стандардите вредност над 2% никотин се смета за висока. Количината на катран во овој нелегален тутун е и до четири пати повисока од дозволената. Ваквите податоци за количината и видот на клучните состојки во „режаниот“ тутун кој се продава нелегално, не се достапни за потрошувачите, со што тие се доведуваат во заблуда за она што го добиваат и можат да го очекуваат од ваквиот вид производ, што е сериозно кршење на правата на потрошувачите, и е уште еден показател за штетата која се прави со ваквиот вид нелегална трговија.

Пресметките на Групацијата инаку покажуваат дека нелегалниот тутун моментално опфаќа најмалку 8% од вкупната потрошувачка на тутун во земјата или 360 милиони цигари годишно. Ова претставува сериозна закана за сите учесници на легалниот пазар на тутунски производи – од производителите на цигари, преку увозниците, дистрибутерите и малопродажните места, па се до државата, бидејќи за нелегалниот промет со тутун не се плаќаат акцизи и даноци.
Од масовната продажба на „режан“ тутун се засегнати секако и тутунопроизводителите, бидејќи секое драстично намалување на пазарот и прометот со цигари ја намалува и потребата од зголемување на откупот на суров тутун што се користи за нивно производство. Ако нелегалната трговија со „режан“ тутун не се сузбие брзо и продолжи трендот на драстично намалување на легалниот пазар со цигари, тогаш производителите на цигари ќе бидат ставени во позиција да го намалуваат производството, што ќе се одрази и на откупот на тутун. Што можеби веќе почна да се случува бидејќи според најавите од крајот на 2018 година, се очекуваше откуп на 29.000 тони тутун, за на крај да се откупат 25.000 тони, или 4.000 тони помалку, што би можело да биде првиот сигнал дека нешто во целиот круг се случило или се случува.
Со тоа се доведува во прашање судбината на над 23 илјади семејства, односно околу 100 илјади луѓе кои живеат главно од тутунопроизводството, без да се сметаат и другите што работат во тутунската индустрија – од погоните за сушење и ферментација на тутунот до компаниите што ги прават производите – тутунските комбинати и малите трафики или маркети што добиваат не баш безначајни износи да ги продаваат производите.



