Силјановска од Виница: За влез во ЕУ потребни се реформи, а за две и пол години оваа власт го смени само името на државата

Кандидатот за претседател, Гордана Силјановска-Давкова, денеска беше во посета на општина Виница. Taa пред граѓаните посочи дека со Владата на СДСМ и Зоран Заев, Република Македонија нема да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија бидејќи за влез во Унијата потребни се реформи, а единствена реформа направена за овие две и пол години власт на СДСМ и Заев е болната промена на уставното име на Македонија.

„Јуни е блиску и јас сум уверена дека нема да го добиеме тој датум или повторно ќе добиеме формулации од типот на уште нешто да се исполни, да се реализира, за да можеме да добиеме почеток на преговорите. Далеку од тоа дека јас не сакам мојата и вашата земја Македонија да ги добие преговорите, впрочем 9 пати добивавме позитивен извештај и од Европскиот парламент и од Европската комисија, само што Советот велеше дека не е дојдено времето за преговори. Мислам дека и овој пат до тоа нема да дојде не само затоа што ЕУ и самата си има домашни задачи и проблеми, особено по брегзитот, туку и затоа што на дневен ред ќе дојде анализата на исполнетоста, неисполнетоста на критериумите за почеток на преговорите. А тие критериуми оваа држава и оваа власт не ги исполнува. Единствената реформа што ја направи е болната промена на името на Република Македонија“, вели Силјановска-Давкова.

Таа додаде дека промената на името е направена со кршење на процедурите и дека единствено договори во името на државата може да склучува претседателот на Републиката, а не како што беше случајот со промена на уставното име на Македонија, каде што министерот за надворешни работи на СДСМ го направи со потпишување на договорот.

„Поинква е ситуацијата сега, зборуваме за кршење на задолжителна меѓународна норма, која се однесува на правото на самоопределување, чиј неизоставен и неразделен момент е и првото на сопствено име, знаме, химна и устав. Значи, ние не сме против договарање и преговарање, не сме против компромиси, меѓутоа како и сите други држави што се под ОН, како сите други нации, и ние бараме да бидеме рамноправни во овој поглед. И се разбира дека тоа на правен начин ќе го издвојуваме и, се разбира, не велам утре, но кога нешто е засновано на кршење на Уставот и на кршење на меѓународното право, тоа може да биде ништовно“, додаде Силјановска-Давкова.

Таа нагласи дека лично се залага за владеењето на правото, правната држава и почитувањето на човековите права истакнувајќи дека во моментот во државата нема судски реформи бидејќи на чело на советот што треба да се носат судски реформи се наоѓа Зоран Заев, а самиот тој бил предмет на истрага, односно, како што рече таа, ова е непознат феномен во судството, кое треба да е целосно независно од извршната Влада. Како ќе има судски реформи ако на чело на советот за судски реформи стои премиерот? Нели е тоа директен упад во независноста на судството. Во тоа тело треба да седат врвни правници, судии, адвокати, но не и премиерот на Владата. Особено што и самиот беше предмет на истрага“, смета Силјановска-Давкова.

Доколку биде избрана за претседател на Република Македонија, Силјановска-Давкова нагласи дека тоа што го има напишано во програмата и тоа што го ветила пред граѓаните, ќе го исполни бидејќи, за неа, кажаниот и ветен збор е многу значаен.

Истакна дека една од првите мерки е да се откаже од привилегиите што ги имале претходните претседатели бидејќи во сиромашна држава претседателот на државата треба да живее, сочувствува и да ги разбира граѓаните.

На крајот, Силјановска-Давкова побара масовно да излезат на изборите и да ѝ дадат поддршка на претседателските избори сè со цел во Македонија да се вратат правото и правдата.

Треба да знаете
Последни објави