По повод Денот на НАТО, Министерството за одбрана и Армијата денеска на плоштадот „Арт” пред Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп, а во соработка со Општината организираат отворен ден за граѓаните.
Присутните ќе имаат можност да проследат повеќе музички нумери во изведба на воениот оркестар, да ја проследат познатата точка на припадниците на баталјонот за почести „Егзирцир” и да се запознаат со дел од изложеното армиско вооружување и опрема.
Во соработка со Црвениот крст во просториите на Центарот за култура ќе биде организирана и крводарителска акција на која покрај припадниците на армијата сите заинтересирани граѓани ќе можат да се приклучат и да даруваат од оваа драгоцена течност.