Зоран Заев, Стево Пендаровски и Радмила Шекеринска како Влада на СДСМ се срамат од името Република Македонија. На вчерашниот настан во Македонската Филхармонија, на заедничкиот концерт на оркестрите на армиите на САД, Велика Британија, Словенија, Грција и Македонија, од македонските парадни униформи беше тргнато државното име Македонија, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
-Војните оркестри од повеќе држави на своите униформи имаа ознаки која држава претставуваат, само македонскиот не. Заев, Пендаровски и Шекеринска спротивно на закон и чл. 32 од Уредбата за единствениот знак за припадност на АРМ, кој вели дека на униформите задолжително стојат и ознаките на Република Македонија вчера организираа концерт на кој припадниците на АРМ на униформите немаа испис која држава ја претставуваат.
Власта мора да одговори кога е сменета Уредбата за единствен знак за припадност на Армијата на Република Македонија? Доколку не е сменета, кој ќе одговара за нејзиното кршење вчера? Заев, Шекеринска и Пендаровски мора да одговорат и кога е распишана јавната набавка за новите ознаки за униформата? Дали ваквите униформи се набавени преку набавка или на друг начин? Власта пред армии од повеќе држави ја посрамоти Република Македонија и припадниците на АРМ. Заев, Шекеринска и Пендаровски кршат и закони само да ја посрамотат и понижат, и обесчестат Република Македонија и Армијата на Република Македонија. Понижувањето на државата мора веднаш да запре. Ниту Зоран Заев, ниту Стево Пендаровски, ниту пак Шекеринска може да ја водат Република Македонија, тие се срамат од сопствената држава, кршат Устав и закон и склучуваат договори кои не се подржани од граѓаните, изјави Арсовски.