Со поддршка на „Европол“, 64 членови на албанска организирана криминална група се уапсени меѓу 3 и 5 април во текот на полициски операции истовремено спроведени во Белгија, Франција, Холандија и Италија, а во кои учесвувале околу 600 полицајци.
Се верува дека осомничените нелегално произведувале и тргувале со дрога, но и дека се поврзани со трговија со луѓе, проституција и перење пари, се вели во соопштението на „Европол“, а пренесе агенцијата „Танјуг“.
Оваа полициската акција ја следи и комплексна истрагa што се занимава со активностите на организираната криминална група која работи во Белгија, Франција, Холандија, Италија и Велика Британија, а се верува дека осомничените раководат со поголем број на плантажи со канабис, распространети низ Белгија и северниот дел на Франција, додека пак некои од нив биле вклучени и во случаи на трговија со луѓе во Франција.
Во оваа полициска операција уапсени се 55 лица во Белгија, вклучувајќи го и водачот на криминалната група, 7 луѓе во Холандија и уште 2 лица во Франција. Во акцијата, покрај белгиската учествувале и француска, италијанска, холандска и британска полиција, а „Европол“ ја координирал истрагата овозможувајќи размена на информации, проверка на податоци и друга неопходна техничка поддршка.
До денеска, во оваа истрага затворени се околу 15 плантажи со канабис, запленети 8 255 растенија канабис, околу 100 000 евра во готово и во злато, четири луксузни автомобили и 63 електронски уреди.