Генералниот секретар на ОН изјави дека е длабоко загрижен по денешната средба во Либија со командантот Калифа Хафтар, чии сили се упатени кон Триполи, седиштето на меѓународно признатата влада.
Нападoт на Либиската национална армија (ЛНА) на Хафтар, сојузник на паралелната влада чие седиште е на исток, е опасно засилување на борбата за власт, која трае уште од соборувањето на Моамер Гадафи во 2011 година.
„Си заминувам од Либија со тешко срце и длабоко загрижен. Сè уште се надевам дека е можно да се избегнат крвави конфликти во и околу Триполи“, напиша Антонио Гутереш на својот профил на „Твитер“.
„ОН се посветени за изнаоѓање политичко решение и што и да се случи, ќе го поддржиме либискиот народ“, додава тој.
Телевизијата „Ал Арабија“ пренесува дека Хафтар на генералниот секретар на ОН му рекол оти операцијата на неговите сили ќе трае до конечен пораз на терористите.
Престолнината Триполи ќе биде клучнaта цел за паралелната влада на Хафтар, која го контролира истокот на Либија. Пред 5 години командантот ги регрутира поранешните војници на Гадафи и по тригодишна битка, го освои Бенгази, најголемиот град во источниот дел. Оваа година контролата ја прошири на југот на земјата, богат со нафтени полиња.
Новата ескалација на конфликтот ги изненади ОН. Гутереш неделава беше во либискиот главен град за да помогне во организирањето на националната конференција за помирување планирана за овој месец.