На денот кога Северноатлантската алијанса го прославува 70иот роденден, во градот каде што бил потпишан основачкиот Договор, Вашингтон, министерот Димитров учествуваше на Состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО. За нас, како што рече министерот Димитров ова е посебен ден, бидејќи станува збор за прв состанок од ваков ранг, на кој, со подеднакво право на дискусија, учествува нашата држава.
При отворањето на работната сесија, Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му посака топло добредојде на министерот Димитров и уште еднаш потенцираше дека очекува што е можно побрзо заокружување на ратификациониот процес во сите држави. Ни претставува особено признание и задоволство што сите министри упатија искрени честитки за „заслуженото столче” на масата на сојузниците.
Состанокот, од што произлезе заедничка изјава, беше посветен на споделувањето на одговорностите меѓу сојузниците, адаптабилноста на Алијансата кон новите закани за безбедноста и сигурноста на луѓето. Значително внимание беше посветено на „непредвидливата и предизвикувачка безбедносна ситуација”, особено константната опасност од тероризам, зголемената руска агресија и повреда на меѓународното право, сајбер и хибридните закани. Заеднички беше констатирано дека новите предизвици наметнуваат нов пристап кон безбедносните прашања.
Навраќајќи се на договорите со Бугарија и Грција како примери за заедништво на дело, министерот Димитров истакна „Ние, трите држави станавме ‘поголеми’ без промена на границите!” Во вториот дел, Министерот конкретно се осврна на нашиот долгогодишен придонес во Авганистан, подготвеноста за поддршка на мисиите на НАТО за обезбедување одржлив мир и стабилност во Авганистан и Ирак, како и одреден финансиски придонес во фондовите.
Престојот во Вашингтон беше заокружен со средби со министрите за надворешни работи на Унгарија, Португалија и Полска. Покрај нашето интересирање за ратификацијата на Пристапниот Протокол за НАТО, предмет на разговор беше и поддршката од овие земји за почеток на преговори со ЕУ. Притоа, МНР на Унгарија ја потенцираше нивната јасна позиција за започнување на преговори со Република Северна Македонија без одлагање. Вакви заложби споделија и останатите двајца соговорници на МНР Димитров. Со делегацијата на Полска се разговараше и за можноста за соработка и помош во врска со користењето на ЕУ фондовите.