Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, од утре до вторник ќе биде во работна посета на Италија и на Светата Столица, Ватикан.
Тој утре ќе учествува на церемонијата на одбележување на десет годишнината од катастрофалниот земјотрес во градот Акиле во Италија, каде животот го загубија 309 луѓе, меѓу кои и пет државјани на Република Северна Македонија. Во Акиле министерот Адеми ќе реализира средба со претседателот на Регионот Абруцо и градоначалникот на општина Поџио Пиценче.
Во Акиле министерот ќе има средби со претставници на нашата дијаспора која живее во тој регион, додека в недела, предвидени се средби со нашата дијсапора која живее во Рим и околината.
В понеделник, Адеми ќе го посети Ватикан, при што ќе се сретне со Секретарот за односи со државите во Ватикан, Паул Ричард Галлагхер.
Министерот Адеми ќе ја заокружи работна посета во Италија во вторник, со низа билатерални средби во Италијанскиот парламент и во Министерството за надворешни работи на Италија.
Во Италијанскиот парламент ќе се сретне со Претседателката на комисијата за надворешни работи, Марта Гранде, додека во Италијанското МНР ќе има средби со Заменик-Минситерката Емануела Дел Ре, државниот потсекретар Рикардо Антонио Мерло, и директорот на Генералниот директорат за италијански граѓани во странство и политиките за миграција, Луиџи Мариа Вигнали.
Фокусот на средбите ќе биде ставен на можностите за унапрдување на билатералната соработка во сите области од заемен интерес, унапредувањето на положбата на нашата дијаспора и нивна инклузивност во економскиот, политичкиот, социјалниот и културниот живот во Италија, како и за актуелните политички цели и приоритети на влада на Република Северна Македонија со посебен акцент на ЕУ и НАТО интеграција на нашата држава.