Министерството за надворешни работи на Еквадор го отфрли како шпекулкации извештајот дека основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, наскоро ќе биде исфрлен од еквадорската амбасада во Лондон, објави весникот „Ел Комерсио”.
„Еквадор не одговара на шпекулации, хипотези или сугестии, кои не се потврдени со какви било документи”, изјави портпаролот на министерството.
Претходно, „Викиликс“ објави, цитирајќи свои извори во Еквадор, дека Асанж ќе биде протеран од амбасадата на јужноамериканската република во главниот град на Велика Британија и дека станува збор за часови или денови. Според организацијата, Кито и Лондон постигнале договор за апсење на Асанж.
Асанж останува во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што доби азил од 2012 година. Основачот на „Викиликс“ се обиде да ја избегне екстрадицијата во Шведска, која издаде потерница за негово апсење поради обвиненијата за сексуално вознемирување и за силување.
Асанж ги отфрли обвинувањата како политички мотивирани.
Тој стравуваше дека Шведска може да го депортира во САД, каде што Австралиецот може да се соочи со 35 години затвор или со смртна казна за објавување тајни документи на Стејт департментот на САД. Во 2017 година, случајот против него во Шведска беше затворен, но Велика Британија инсистира дека Асанж треба да биде уапсен поради неговото непојавување во лондонскиот суд.