Пратеникот на најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Хаџи Абдили изјави дека неговата партија ќе соработува во Собранието со Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти, со цел уривање на Владата на Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Абдили, единствениот начин да се оди на вонредни избори е изгласувањето недоверба во Собранието, иако и граѓанските протести кои вчера ги најави Курти се „демократска и легитимна форма”, но актуелната Влада тие не ги зема предвид.
– Таквата Влада во една демократска земја се урива само со гласање. Нормално, протестот и другите облици на граѓански реакции се демократски форми на изразување на граѓанскиот револт и мислам дека нема ништо лошо во таквите организирања. Сепак, оваа Влада треба да се смени со гласање недоверба или со оставка. Меѓутоа, со оставка нема да се случи, затоа што овие власти немаат политички морал, изјави Абдили за приштински „Зери”.
Заради постигнување на целта, организирање предвремени избори, пратеникот на ЛДК најави соработка и со пратениците „со добра волја” од владејачките партии кои се незадоволни од работатата на Владата на Харадинај.
– Другите облици се демократски и легитимни, но сметам дека оваа Влада воопшто не се грижи за протести, бидејќи немаат политички морал, така што кога би излегле и еден милион граѓани на улица тие сепак ќе продолжат со своите дејствија, бидејќи го нашле својот терен и си ги тераат работите по свое, со корупција и слични дејствија. Затоа сум скептичен дека протестите ќе ги испратат дома, вели Абдили.
Лидерот на ВВ Албин Курти вчера на прес конфреренција најави дека неговата партија ќе организира средби со граѓаните во сите градови на Косово за да ги мобилизира за протести за смена на Владата на Харадинај и на претседателот на државата Хашим Тачи.
Курти ги обвини Харадинај и Тачи дека и покрај тоа што имаат различен став кон таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, тие се обединети во нивната корумпираност и ограбувањето на Косово.
Владејачката коалиција ПАН, која ја сочинуваат Демократската партија на Косово (ПДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Социјалдемократската иницијатива (Нисма), опозицискиот лидер ја нарече „коалиција на грабежот”.
– Од утре започнуваме со активности со граѓаните против „ПАН грабежот”, со цел да се оди на нови избори. За таа цел ќе одиме истовремено на граѓански протести и гласање недоверба во Собранието, изјави Курти.