Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави дека во Црна Гора и во Северна Македонија, по влезот во НАТО, ќе никнат воени капацитети на алијансата и дека овие земји во иднина ќе треба да трошат дополнителни пари за да купат американско оружје, а тоа, како што рече, „на никого нема да му се допадне”.
Покрај тоа, како што предупреди, тоа истовремено ќе значи дека воената инфраструктура уште повеќе ќе се приближи кон истокот, од кој Европа веќе нема да спие мирно, пренесува РТЦГ.
Рускиот министер во интервјуто за „Московски комсомолец” се осврна и на времето кога почна кампањата за членство на Црна Гора и Северна Македонија во НАТО, додавајќи дека тоа е направено апсолутно „без пардон”.
„Во Македонија организираа референдум со најгрубо кршење на Уставот, пред сè бидејќи Уставот налага на референдумот да се постави само едно прашање, а во овој случај имаше три прашањата – дали сакате Македонија да стане дел од ЕУ, дел од НАТО и поради тоа да го смени името“, потсетува Лавров и рече дека тоа било исклучително „расипано“.
Говорејќи за обвинувањата на сметка на Русија дека се мешала во организирање на референдумот, Лавров рече дека тоа не било фер, бидејќи Москва настојувала да го насочи вниманието кон почитувањето на македонскиот устав, врз основа на што, како што наведе, македонските министри немале никакво право да го потпишат преспанскиот договор.