Повик и лажна вест, што во изминатиот период се споделуваше на социјалните мрежи дека повторно ќе се отворат границата и балканската рута за да стигнат до Европа, беше причина бегалци и мигранти од цела Грција да се упатат кон Солун и од вчера да постават над 100 шатори и да преноќат пред прифатниот центар Диавата.
Според информациите во грчките медиуми, станува збор за околу 500 лица, меѓу кои семејства со мали деца и бебиња, кои во близина на Солун стигнале од различни делови на Грција, па дури и од прифатните центри на островите Лезбос и Хиос, а импровизираниот камп е под силно полициско обезбедување.
Претпладнево се случија мали инциденти откако група бегалци и мигранти, мнозинството од нив жени, се обидоа да го пробијат полицискиот блок и да стигнат до границата со Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Инциденти имаше и вчера, кога бегалците и мигрантите се судрија со полицијата, уапсен беше 37-годишен државјанин на Ирак, а полесно повреден еден полицаец.
Министерот за миграциска политика на Грција, Димитрис Вицас, во интервју за радио „Практорио фм” на грчката државна новинска агенција рече дека бегалците и мигрантите пред прифатниот центар Диавата се жртви на дезинформации.
– Кој ја споделува оваа дезинформација? Главно ја шират криумчарите кои поради некоја причина, што никој не може да ја разбере, дека ќе се отвори границата. Границата нема да се отвори, истакна грчкиот министер, а според негова проценка, до вечер или до утре наутро ситуацијата ќе се нормализира.
Прифатниот центар Диавата, пред кој што се поставени шаторите и се насобрани бегалците и мигрантите, се наоѓа во близина на Солун, на околу 70 километри од границата со Северна Македонија.