Министерот за култура Асаф Адеми синоќа во Македонската опера и балет присуствуваше и ги поздрави присутните на гала-концертот на познатиот светски тенор Раме Лахај, информираат од кабинетот на министерот Адеми.
На концертот заедно со Лахај настапија и други реномирани имиња како сопранот од Русија, Венера Гимадиева, баритонот Кирил Манолов и мецосопранот Марика Поповиќ. Гала-концертот се одржа во рамките на седмото издание на фестивалот „Сцена на албанската сериозна музика“, организиран од Здружението „Алегретто“.
Маестро Лахај денеска ќе одржи и мастер-клас за млади уметници. Раме Лахај е еден од најистакнатите пејачи во неговата генерација и е добитник на престижни оперски признанија. Редовно настапува со светски познати изведувачи на оперските сцени ширум светот, во Париз, Москва, Хелсинки и на многу други места.