Забрана за увоз на бесилки и гилотини, електрични столици, столици за принуда и пранги за оковување, лисици за ножни палци и лисици за повеќе лица се само дел од справите за мачење кои не смеат да се увезуваат во земјава. За кратко време нема да може да се увезат и преносни уреди за електричен шок, вклучувајќи, електрични палки, електрични штитови, електрични пиштоли за зашеметување и електрични пиштоли со стреличка. Исто така забрана ќе има и за преносни уреди за потребите на контрола на немири или за самозаштита со употреба или распрскување на хемиска супстанција за онеспособување.
Целта на предлог законот е регулирање на надворешно трговскиот режим на овој тип стоки, кој, покрај Царинската управа, ќе ја спроведува и Министерството за економија како надлежен орган. -Во Националната програма за усогласување со законодавството на ЕУ, во делот на Поглавјето 30 – Надворешни односи предвидено е усогласување со ЕУ Регулативата бр.1236/2005 на Советот од 27 јуни 2005 година во однос на трговија со одредени стоки кои може да се користат за смртна казна, тортура или друго сурово, нечовечно или деградирачко однесување или казна . Со транспонирање на оваа Регулатива во законодавството на РСМ ќе се уредат условите и начинот за вршење увоз и извоз на стоки кои може да се користат за целите на извршување смртна казна, или за целите на тортура, или друго сурово, нечовечно, или понижувачко постапување, или казнување, обезбедувањето посреднички услуги, техничка помош, обука и рекламирање поврзани со таквите стоки- велат во Министерството за економија. Од таму велат дека со Регулативата (ЕЗ) бр.1236/2005 се наметнува забрана за извоз на стоки кои немаат друга практична примена освен за цели на спроведување на смртна казна, тортура или други форми на сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, и контрола на извозот на некои стоки кои можат да се користат за такви цели.
Со регулативата се почитуваат основните права и се согледуваат начелата кои се признати во Повелбата за основните права на Европската Унија, особено почитувањето и заштитата на човековото достоинство, правото на живот и забраната на тортура и на нечовечко или понижувачко постапување или казнување- велат во ресорот.
Според законот се забрануваат стоки наменети за егзекуција на човечки суштества, како бесилка и гилотина, електрични столици за целите на егзекуција на човечки суштества, простории кои не пропуштаат воздух, направени на пр. од челик и стакло, дизајнирани за целите на егзекуција на човечки суштества со употреба на смртоносни гасови или супстанции. Исто така се забрануваат системи за автоматско вбризгување, дизајнирани за целите на егзекуција на човечките суштества со употреба на смртоносни гасови или супстанции и стоки наменети за управување со човечки суштества.
Исто така се забрануваат појаси за електричен шок наменети за управување на човечките суштества со употреба на електрични шокови кои имаат напон на отворено коло поголем од 10 000 Вати. Не смее да с еувезуваат и столици за принуда и пранги за оковување. Оваа точка не ги опфаќа столиците за принуда дизајнирани за лицата со посебни потреби.
Но затоа ги опфаќа прангите, синџирите кои опфаќаат повеќе затвореници, окови и индивидуалните лисици или бразлетни за затвореници. Оваа точка не ги опфаќа „обичните лисици”.
Обични лисици се лисици кои имаат комплетна димензија вклучувајќи синџир, мерено од надворешниот раб на едната лисица до надворешниот раб на другата лисица, помеѓу 150 и 280 мм кога се заклучени и не се менуваат за да предизвикаат физичка болка или страдање.
Според законот веќе нема да може да се увезуваат преносни уреди за електричен шок, вклучувајќи електрични палки, електрични штитови, електрични пиштоли за зашеметување и електрични пиштоли со стреличка кои имаат напон на отворено коло поголем. Оваа точка не ги опфаќа електричните појаси и не ги опфаќа индивидуалните уреди за електричен шок кога корисникот ги користи за негова лична заштита.
Валентина Ангеловска