Едно лице е убиено во градски автобус кој вршел јавен превоз во Љубљана бидејќи, како што наведуваат словенечките медиуми, се обидел да го киднапира возилото и му се заканил на возачот дека ќе го убие.
Непознато лице го присилило возачот да тргне кон обиколницата, заканувајќи му се дека ќе го убие со шрафцигер, јавува словенечкото „Дело“.
Меѓутоа, возачот останал присебен и свртел во правецот што го побарал киднаперот, но потоа намерно поминал на црвено светло за да ја предупреди полицијата.
Полицијата потврди дека дошло до инцидент и дека едно лице настрадало, а според неофицијални информации, станува збор за напаѓачот, додаде „Дело“.
Портпаролката на љубљанската полициска управа, Наташа Пуцко, рече дека полицијата информациите за киднапирањето на автобусот ги добила синоќа околу 21 часот и додаде дека повеќе податоци ќе бидат познати кога полицијата ќе заврши со увидот.