Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли изрази загриженост поради, како што вели, деструктивноста и постојаната агресија на Србија против независноста на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Пацоли на денешната прес-конференција го осуди инцидентот и „крајно некоректното однесување” на српските домаќини на Самитот за дигитализација, што под покровителство на Европската унија се одржува во Белград.
– Вознемирен сум поради денешниот настан во Белград, каде што се потпиша договорот за роамингот за државите од Западен Балкан, а каде што нормално, како и секоја друга држава учествуваше и Косово. И во овој случај Србија го згази секој договор за кој самата се согласи, што го покажа на организиран начин, кршејќи ги сите правила за време на одржувањето на министерскиот панел на Западен Балкан. Во оваа сесија организаторите ги исклучија микрофоните на косовската делегација и му дадоа збор некому во публика кој извикуваше шовинистички пораки кон Косово. Во исто време тие шовинистички пораки беа пренесувани од страна на организаторот на големиот екран во салата каде се одржуваше панелот. Ова е факт кој говори дека целиот инцидент е оркестриран од самите домаќини, односно од Република Србија, изјави шефот на косовската дипломатија.
Според него, слични инциденти се случувале и на другите панели на самитот во Белград.
Пацоли на днешната прес-конференција информираше за неговата тридневна посета на африканскиот континент, која ја оцени како многу успешна.
Тој рече дека за време на посетата лобирал за нови признавања на независноста и ги отфрли како лажни информациите од Србија дека некои африкански држави го повлекле признавањето.
Самиот претседател на Гамбија, според Пацоли, му изјавил дека Белград го фалсификувал документот за кој претендира дека е нота на неговата земја за повлекување на признавањето на Косово, додека претседателот на Гвинеја Бисао му кажал дека го повлекол документот што во Белград го изнел премиерот на таа земја, кој во меѓувреме е и сменет.
Во однос на петте држави на Европската унија кои се уште не ја признале косовската независност, Пацоли рече дека лобирањето во тој правец никогаш не престанало.
– Таксата кон Србија ја отежна малку ситуацијата во врска со Грција, а исто така немаме добри односи со Кипар. Сепак, верувам дека еден ден овие држави на ЕУ ќе ја признаат независноста на Косово, изјави шефот на косовската дипломатија.
Пацоли нагласи дека Русија има големо влијание против новите признавања.