Украинскиот претседател Петро Порошенко и неговиот противкандидат на претстојните избори за нов шеф на државата Володимир Зеленски денеска направија анализа на крвта за алкохол и наркотици.
Зеленски ова го постави како еден од условите за да учествува на телевизиската дебата пред изборите на 21 април, кој актуелниот претседател го прифати.
Двајцата дадоа крв за анализа во различни лаборатории. Порошенко пред процедурата, која беше емитувана во живо на Јутјуб, потпиша изјава дека доброволно дава крв и оти се согласува резултатот од анализата јавно да биде објавен.
Зеленски, кој досега одбиваше директни дебати со Порошенко, пред два дена на социјалната мрежа Телеграм објави видео во кое го повика претседателот и соперникот на дебати, но под услов тие да се одржат на олимпискиот стадион во Киев.
– Вие ме повикувате на дебата, најверојатно сонувате дека ќе избегам Не, јас не сум Вие во 2014 година. Го прифаќам вашиот предизвик. Но, мојот услов е: ве чекам тука, на спортскиот комплекс Олимписки, дебатите ќе се одржат пред народот на Украина, рече Зеленски. Тој постави уште еден услов – кандидатите за претседател да поминат лекарски преглед за да му докажат на народот дека меѓу нив нема ниту алкохоличари ниту зависници од дрога.