Полицијата во Уганда рече дека потрагата по американската туристка што беше киднапирана заедно со нејзиниот возач продолжува и дека сите излезни точки на границата меѓу Уганда и Конго се затворени со цел побрзо и полесно да се најдат киднапираните лица.
Портпаролката на полицијата, Поли Намаје, рече дека полицијата и безбедносните агенции работат со американската амбасада во Кампала кон спасување на заложниците, за кои тие веруваат дека сè уште се во земјата.
Од американскиот Стејт департмент рекоа дека безбедносните сили одговориле на инцидентот, но не дадоа дополнителни информации.
„Запознаени сме со извештаите за американската државјанка киднапирана во Уганда. Безбедносните сили реагираа на инцидентот. Немаме дополнителни информации што би можеле да ги понудиме во овој момент“, рече портпаролот.
Американката беше киднапирана заедно со четири други лица, но тие беа подоцна ослободени, додека таа и нејзиниот шофер беа однесени од Националниот парк на кралицата Елизабета.
Минатата година во Уганда беше забележан зголемен број киднапирања, што предизвика протести на улиците од страна на активистите кои тврдат дека властите не преземаат доволно мерки за справување со ситуацијата и заштита на граѓаните.
Веста за киднапирањето на Американката би можело да ѝ наштети на индустријата за туризам на Уганда, што е еден од главните извори на приход во земјата.