Салвини ќе одржи конференција за обединување на 20 различни европски популистички партии

Популистичкиот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини, ќе биде домаќин на конференција во Милано следната недела, чија цел е обединување на европските популистички партии и движења пред изборите во Европскиот парламент, пренесува австрискиот весник „Кронен цајтунг“.

На конференцијата се очекува да се сретнат околу 20 различни популистички и конзервативни партии и движења кои се собираат под слоганот „Кон Европа на разумот”. Партијата Лига на Салвини очекува многумина да се приклучат во алијанса пред изборите во мај.

Австриската Партија за слобода (ФПО), предводена од вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Штрахе, рече дека ќе присуствуваат на состанокот чија јасна цел е да се направи заеднички договор за трите групи.

Европските парламентарни групи кои, најверојатно, ќе присуствуваат се Европа на нации и слобода (ЕНФ), во која веќе се Лига и ФПО, како и европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Европа за директна демократија (ЕФДД).

Популистичкиот самит доаѓа откако Салвини помина неколку месеци договарајќи нови сојузи и зајакнување на старите со популистичките лидери како Марин ле Пен, полската Партија за право и правда (ПИС) и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

На нивниот состанок минатата година премиерот Орбан го опиша Салвини како свој херој, велејќи дека италијанскиот министер за внатрешни работи е негов судбински придружник.

Откако формираше влада со Движењето Пет ѕвезди минатата година, Салвини и Лига забележаа пораст на популарноста меѓу италијанските гласачи. Некои проекции укажуваат на тоа дека по изборите во мај, Салвини и Лига би можеле да формираат една од најголемите партии во Европскиот парламент.

Треба да знаете
Последни објави