Кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова го посети Националниот сојуз на слепи на Република Македонија за да поразговара за нивните секојдневни пречки за нормално функционирање. Таа ја промовираше и својата аудиопрограма наменета за лица со оштетен вид.
Силјановска рече дека правичната и соодветна застапеност се гледа само низ очите, низ призмата, низ интересот на етничката припадност и оцени дека тоа не треба да биде така бидејќи основен критерум се стручноста и компетентноста.
„По нивната сметка, најчесто партиска, колкав процент на Турци, Албанци, Роми, Власи и Македонци има во општеството, Срби, Бошњаци, толкав процент треба да има во сите државни и јавни институции. Многу погрешен пристап“, оцени Силјановска.
Таа најави дека ако стане претседател ќе се заложи селекцијата да се прави на база на тоа дека сите се еднакви без оглед на нивната етничка, расна, верска, социјална или друга припадност. Силјановска вели дека врз основа на тоа ако се работи за лице кое има проблем и со видот, или ако се работи за личност која има проблеми со слухот, а таа е стручна и компетентна, таа треба да биде примена.
„И по основ да речеме по родова припадност, жена ама и по основ на предноста и можноста на друг начин да ги изрази способностите. Само така ние ќе го освестиме општеството, секаде каде што сме сите да имаме еднаквост на шансите“, рече Силјановска.