Вработените во Зоолошка градина Скопје, изминатите денови ги чистеа езерата и вршеа уредување на нови зелени катчиња. Оттаму велат дека по повеќе од 13 години било исчистено големото езеро, а малите езерца, како што наведуваат, добиле пролетно чистење по есенската генералка.
„Беа засадени и преку 200 нови садници- врби, бадеми, лешници, малини како и повеќе видови цвеќиња. Од неделата, посетителите можеа да уживаат и во новото катче покрај езерото, каде што се наоѓа и Бродот на радоста. Токму тогаш во Зоолошка, имаше рекордни 18 000 посетители, со што е надмината претходната бројка од 12 000 посетители на почетокот на март“ се вели во соопштението од Зоолошката градина.
Додаваат дека ќе продолжат со зазеленување и разубавување на просторот за посетителите и животните.
„Нашата цел е да направиме буквално шума во градот и зоолошката да стане Еко ЗОО парк“- изјави портпаролот на Зоолошка градина Скопје, Тина Мицковска.