Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант и адвокатката Амал Клуни, која се занимава со човекови права на меѓународно ниво, почнаа кампања за заштита на слободата на медиумите.
Хант и Клуни ја почнаа кампањата на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во францускиот кварт Динар.
Клуни, која е сопруга на холивудскиот актер Џорџ Клуни, ќе биде специјален пратеник за слобода на медиумите на Хант и ќе претседава со панел од правни експерти кој би требало да им понуди совети на владите кои сакаат да ги зајакнат правата на новинарите.
Хант рече дека заштитата на слободата на медиумите е од „глобална важност” по убиството на новинарот Џамал Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул во октомври минатата година, која беше најсмртоносна година по убиства на новинари, со регистрирани 99 такви случаи.
Тој додаде дека демократските земји би требало да се држат заедно со цел убиствата, апсењата и задржувањата во притвор на новинари кои си ја работеле својата работа да станат „меѓународно табу.“