Во заедничка изјава по повод втората годишнината од нападите со хемиско оружје во сирискиот град Дума, државниот секретар на САД, Мајк Помпео и министрите за надворешни работи на Велика Британија и Франција, Џереми Хант и Жан-Ив Ле Дријан предупредуваат дека Западот ќе одговори соодветно во случај на повторна употреба на хемиско оружје „од страна на режимот” на сирискиот претседател Башар Асад.
– Сирискиот режим употреби хемиско оружје против својот народ повеќе пати досега и тоа не може да се негира. Одлучни сме да ги доведеме пред лицето на правдата сите одговорни за убиството на невини мажи, жени и деца со хемиско оружје, се анведува во изјавата на Помпео, Хант и Ле Дријан.
Тие додаваат дека овие напади ги погазуваат меѓународните закони, предизвикуваат многу страдање и придонесуваат со влошување на и онака лошата хуманитарна ситуација во Сирија.
Тројцата шефови на дипломатии истакнуваат дека директната одговорност на „сирискиот режим се разводнила” со расформирањето на независното тело при ОН, свикано да посочи кој е одговорен за хемиските напади во Сирија. Механизмот беше расформиран откако Русија стави вето во Советот за безбедност на ОН.
Истражителите од Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) сега работат на идентификација на одговорните за убиствата на цивили со употреба на гас во Сирија.
САД, Велика Британија и Франција ја реафирмираат својата решителност да се реши ова прашање, се вели во соопштението, при што се додава дека непријателствата во Сирија можат да завршат само со преговори и кредибилен политички договор во согласност со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН за ставање крај на конфликтот во оваа блискоисточна земја.