Луѓето ги напуштаат родните огништа, со себе и семејството го носат, Македонија се празни, стотици илјади наши сограѓани ја напуштија земјата во потрага по подобар живот, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митинг пред жителите на општина Новаци.
„Не само што не ги вратија одамна отселените, туку дополнителни стотици илјади наши сограѓани ја напуштаат Република Македонија, па потоа ќе го слушнете Зоран Заев онака храбро, недалеку од Новаци тука од прилепско, ќе каже ќе носел мигранти затоа што немало работна сила. Човек не знае дали да се чуди, дали да се смее или да плаче. Ваква трагедија и комедија во исто време ниту Шекспир не можел да напише што Заев може да смисли“, истакна Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија од присутните граѓани побара поддршка за кандидатот за претседател, Гордана Силјановска Давкова, посочувајќи дека само таа ќе може да ја донесе правдата и правдината во Република Македонија.
„Гласот за Пендаровски е глас за Заев, а со тоа и продолжување на сета оваа неправда која што во моментот и се случува на Република Македонија. Луѓето со пила си ги сечат овошките, затоа што немаат ќар и се зијан од оваа власт, имаме случаи каде 500 луѓе за еден ден се иселуваат во странство. Си одат зошто тука не ја гледаат иднината. И додека ова се случува Заев вели дека ќе населувал мигранти како работна сила. Ова е човек без концепт, ова е човек кој и наштетува на нашата држава“, рече Мицкоски.