Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, Митре Милошевски, пред новинарите го најави проектот „Е-Охрид“ што би се вовел ако победи на изборите во оваа општина.
Тој рече дека овој проект во програмата „За поубав Охрид“ предвидува воведување комплетна дигитализација на сите внатрешни бизнис-процеси во општината, како и воведување електронски сервиси за граѓаните и компаниите.
Со внатрешната дигитализација во прва фаза, рече Милошевски, ќе се дигитализираат сите податоци од секторите за: даноци и комунални такси, урбанизам и заштита на животната средина, комунални дејности, сообраќај и улици, туризам и локален економски развој, јавни дејности, финансиски прашања и правни прашања, за потоа во втора фаза да се обединат во еден интегриран систем кој ќе биде јавно достапен за граѓаните и бизнис-заедницата со цел сите услуги што ги дава општината, граѓаните и бизнис-заедницата да ги остваруваат по електронски пат.
„На овој начин, комуналната такса за привремен престој ќе може да се пријавува и плаќа по електронски пат, поднесувањето даночни пријава и плаќањето на данокот на имот ќе може да се поднесува и плаќа по електронски пат, издавањето изводи од урбанистички план и други податоци со кои располага општината исто така ќе може да се поднесуваат по електронски пат, а документите да се подигнат било на шалтер на општината, било на посочена адреса или на е-пошта на барателот. Со овој проект значително ќе се забрза работата на општинските служби, ќе се намали можноста за корупција и ќе се доближи општината до граѓаните“, рече Милошевски.
Тој се осврна и на проектот „Промена во одданочувањето“ со кој, како што рече, ќе се спроведе промена во даночните стапки за викенд-куќите и становите, со цел поголема сеопфатност. Исто така, најави Милошевски, ќе се спроведуваат „основни ИКТ-обуки за граѓани“ во бесплатните интернет-клубови, а приоритет ќе имаат повозрасни лица и лица од социјално маргинализирани групи. ИКТ-обуките ќе се организираат за основни вештини за практично работење со компјутер и интернет (Word, Excel, PowerPoint, Outlook, Skype).