Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митинг во Демир Хисар се обрати пред граѓаните и порача дека овие избори не се само претседателски избори, туку и почеток на крајот на заевизмот и неговото криминално владеење.
„Овие избори не се само претседателски избори, со овие избори браќа и сестри, драги мои ние ќе ја отвориме вратата за предвремени парламентарни избори“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека владата на СДСМ и Заев во опозиција им ветувале многу проекти и мерки на граѓаните, но сега од позиција не исполниле ништо.
„Неправда е кога како опозиционер ќе им ветувате на младите, младинска гаранција, реновирани студентски домови, студентски град, поквалитетно образование, а денеска студентите живеат во супстандардни услови и во оние руинирани студентски домови. Неправда е кога велите дека ќе донесете домашни и странски инвеститори, а ги полниме фабриките по Западна Европа, Канада, САД, Австралија со инженери од Македонија. Пет од мои десет дипломци одлучуваат да ја напуштат Македонија. Тоа е неправда“, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој од жителите на Демир Хисар побара поддршка за Гордана Силјановска Давкова на претседателските избори, посочувајќи дека повторно ќе изгрее зората на слободата, која ќе донесе правда во Република Македонија.