Портпаролот на Европската комисија Маргаритис Шинас кажа дека одговор на барањето на британската премиерка Тереза Меј за одложување нa брегзит до 30 јуни може да дадат единствено европските лидери, кои во рамки на Европскиот совет ќе се состанат в среда, 10 април, во Брисел.
„Ние сме свесни за писмото што премиерката Mej го испрати утрово до претседателот Доналд Туск. Ова е нешто на што одговорот мора да го даде само Европскиот совет“, рече Шинас.
Главниот портпарол на Европската комисија вели дека не сака да ги „прејудицира, предвидува или интерпретира” можните исходи и веќе пристигнаа коментари и видувања „на разни ЕУ-извори” во врска со можниот европски одговор на барањето на британската премиерка Тереза Меј, која повторно побара одлагање на брегзит до 30 јуни, но, овој пат, со ветување за подготовки за европски избори ако британскиот парламент не го усвои договорот за брегзит.
Некои европски претставници најавија дека претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, од земјите-членки на ЕУ ќе побара „флексибилно“ одлагање на брегзит до 12 месеци, со цел да се избегне сценарио на хаотичен брегзит, односно излегување на Обединетото Кралство од ЕУ без договор.