Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант денеска изјави дека основачот на „Викиликс”, Џулијан Асанж е „слободен човек” и кога ќе одлучи може да ја напушти Амбасадата на Еквадор во Лондон.
– Тој може да ја напушти Амбасадата кога ќе посака и ние сакаме таа ситуација да се реши што побрзо, рече Хант.
Британската полиција денеска распореди свои вооружени припадници пред Еквадорската амбасада во Лондон, откако на профилот на „Викиликс” на Твитер беше објавено сознание од високи извори дека Асанж би можел да биде исфрлен од објектот „во наредните часови или денови”.
Локалните медиуми јавија дека ситуацијата во Амбасадата е мирна и оти ниту еден нејзин вработен, ниту британските власти не го коментираа статусот на Твитер.
Лондонската полиција соопшти дека нема промени во полициската процедура. Во соопштението се додава дека има активен налог за апсење на Асанж и оти полицијата „има обврска да постапи по тој налог доколку тој ја напушти Амбасадата”.
Секојдневната полициска стража пред Амбасадата беше укината во октомври 2015 година, повеќе од три години откако беше воспоставена и се премина на она што полицијата го нарече „прикриено” дејствување.
Асанж е во Еквадорската амбасада од август 2012, откако се засолни поради страв дека британските власти ќе го уапсат и екстрадираат во САД, кои го бараат поради објавување илјадници тајни воени и дипломатски документи.