Директорот на Полицијата на Косово, Рашит Ќаљај изјави дека повеќето напади врз косовските Срби немаат етничка мотивација и главно доаѓаат од припадници на самата српска заедница, јави дописникот на МИА од Приштина.
Одговарајќи на прашањето на пратеникот на Српската листа, Игор Симиќ на денешната седница на собраниската Комисија за заедници и враќање, што презема полицијата за расветлување на над 100 напади врз Србите и врз православните верски објекти, Ќаљај рече дека таквите информации се неточни и тенденциозни.
Поднесувајќи го пред собраниската комисија, заедно со министерот за внатрешни работи Екрем Мустафа, извештајот за работата на полицијата во минатата година, Ќаљај рече дека е лага оти најголем дел од верските објекти кои се нападнати се православни цркви и манастири.
– Не се точни бројките кои ги наведувате и не знам од каде сте ги добиле. Напади врз верски објекти во текот на минатата година имало вкупно 87. Нападнати беа 56 муслимански објекти, 21 православен објект, шест католички и четири други, информира директорот на косовската полиција.
За физичките пресметки исто така нагласи дека е тенденциозно секогаш да се прикажуваат како етнички мотивирани.
– Доколку се степаат деца при игра, тоа не е етнички напад туку едноставно тепачка меѓу деца, рече Ќаљај.
Според него, како што повеќето напади врз Србите ги сториле Срби, исто така и повеќето напади врз џамиите ги извршиле граѓани од исламска вероисповест.
– Во најголемиот дел од случаите сме ги откриле сторителите. Ќе ви ги испратиме статистиките за да видите и самите, му рече Ќаљај на пратеникот Игор Симиќ.