(Видео) Две илјади мигранти собрани во кампот кај Солун, грчката полиција пак употреби солзавец

Речиси 2 илјади мигранти кои се наоѓаат во Грција, денеска, трет ден по ред, најавуваат дека планираат да заминат од Солун кон границата со нашата земја, оддалечена 60 километри на север, со намера од тука да патуваат кон централна Европа. Трет ден по ред полицијата се судри со дел од мигрантите кои сакаат да го пробијат кордонот, па беше употребен солзавец. По инцидентите неколку мигранти пријавиле повреди.

Како што информираат регионалните медиуми, мигрантите ноќта ја минале во шатори во бегалски камп во близина на селото Диавата, северозападно од Солун, од каде што планираат да се упатат кон север.

Последниве денови, на интернет се проширија гласини дека грчката граница со земјава е отворена, но грчкото Министерство за миграции ги негираше ваквите шпекулации.

Сите мигранти треба да се вратат во своите престојувалишта, велат тамошните власти, додавајќи дека за таа цел им се обезбедени автобуси.

Групи мигранти кои планираат да се упатат кон север се собраа во Атина, каде што во петокот на неколку часа беше прекинат железничкиот сообраќај бидејќи околу 300 луѓе ја блокираа главната станица.

Во текот на ноќта блокадата беше прекината и сообраќајот продолжи.

Во екот на мигрантската криза, долж јужната граница со Грција беше поставена ограда. Таа сè уште постои и е обезбедена, што значи дека т.н. Балканска рута кон централна Европа е во најголем дел затворена. Во 2015 и 2016 година преку неа во Германија пристигнаа повеќе од еден милион луѓе.

Треба да знаете
Последни објави