„Грац се среќава со Скопје” е насловен концертот на австрискиот ансамбл „Цајтфлус” под диригентство на Едо Мичиќ, со кој вечер ќе бидат отворени 42. Денови на македонската музика.
На програмата се дела на композитори од Австрија, Грција и Израел, меѓу кои од авторите Беат Фурер, Зив Којокару, Даниел Мозер, Ферд Кир, Орестис Туфекцис, како и од македонските Јана Андреевска и Панде Шахов, чие камерно дело „Лебдечка патека” ќе има светска премиера на овој концерт од 20 часот во камерната сала на Филхармонијата.
– По претставувањето во Грац на 4 април, реномираниот австриски ансамбл ќе ги презентира возбудливите текови и убавината на денешната современа музика и на Деновите на македонска музика, соопшти СОКОМ, организатор на концертот.
Aвстрискиот ансамбл „Цајтфлус” (Zeitfluss) е составен од музичарите: Елена Габриели – флејта, Јоханес Фојхтер – кларинети, Клеменс Фриштик – саксофони, Ласло Худачек – перкусии, Цугами Ширакура – пијано, Петер Мосорјак – виолина, Даниел Мозер – виола, Лусија Перез Диего – виолончело, Николаус Фајних – контрабас.