На охридскиот аеродром пристигна првиот авион на компанијата „Еделвајс” од Цирих

На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле” попладнево пристигна првиот лет на авиокомпанијата „Еделвајс” од Цирих.

Првите 174 патници од Швајцарија на аеродромот беа пречекани со воден топ и торта, означувајќи го почетокот на оперирањето на авиокомпнијата со аеродромот во Охрид.

„Еделвајс” е водечка туристичка авиокомпанија во Швајцарија, а за базен аеродром за своите летови го користи токму овој во Цирих. Како сестринска компанија на „Свис интернешнал ер” Групацијата „Луфтханза”, „Еделвајс” лета до 70 дестинации во 32 земји ширум светот, а со воведувањето на линијата Цирих-Охрид-Цирих, патниците можат да изберат меѓу патување до градот, службено патување, патување за посета на културни знаменитости или одмор на плажа, бидејќи и двете дестинации, Охрид и Цирих имаат многу атракции и места кои патниците може да ги посетат.

Во текот на престојната сезона до 26 октомври, летовите на „Еделвајс” кон Цирих ќе оперираат еднаш седмично во саботите. Во самиот шпиц на сезоната од од 15 јули до 20 август, компанијата ќе додаде уште две неделни фреквенции на линијата, поточно во понеделник со пристигнување во 00:25 часот, а заминување во 04:40 часот и во вторник со пристигнување во 18:05 часот, а заминување во 18:55 часот.

Директорот на ТАВ Македонија, Апер Ерсој за новата авионска линија посочи дека е во корелација со стратегијата на компанијата за воспоставување нови дестинации од двата аеродроми во земјата и подобрување и проширување на целокупниот воздухопловен пазар.

– Силно веруваме дека „Еделвајс” како авиокомпанија која обезбедува швајцарски квалитет, кој е синоним за висок квалитет, заедно со нивната флота и мрежа на дестинации кои постојано се зголемуваат, усогласени со нашите аеродромски услуги ориентирани кон корисниците, ќе биде одлична комбинација за незаборавни патувања за нашите ценети патници, рече тој.

Авионските билети за линијата Цирих-Охрид-Цирих се продаваат преку веб-страницата на Edelweiss: www.flyedelweiss.com

Инаку, моментално аеродромот „Свети Апостол Павле” Охрид има пет редовни дестинации преку целата година и тоа Виена, Базел, Цирих, Малме и Милано и осум сезонски дестинации до: Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, опслужувани од 11 авиокомпании.

Од ТАВ Македонија како аеродромски оператор на двата македонски аеродрома, посочуваат дека постојано се бележи раст на бројот патници во земјата. Имено, во текот на јануари и февруари 2019 година преку двата аеродрома летале вкупно 305.246 патници што е седумпроцентен пораст споредбено со минатата година, кога на двата аеродроми биле услужени 2,3 милиони патници.

Треба да знаете
Последни објави