Утре, 07.04.2019 во 11 часот, во Градскиот парк во Скопје (Школка), ќе се одржи отворен ден на Армијата за граѓаните, организиран по повод Неделата на НАТО, 70 – годишнината од основањето на Алијансата и напредокот на Република Северна Македонија кон членство во НАТО. На настанот ќе присуствуваат министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на генералштабот Васко Ѓурчиновски.
На отворениот ден, припадниците на Полкот за специјални операции, пред граѓаните ќе прикажат дел од своите боречки вештини, гардистите ќе се претстават со точката Егзерцир, а воениот оркестар ќе изведе неколку композиции. Своите вештини ќе ги претстават и припадниците на Единицата за специјални задачи на МВР, а хеликоптер на Армијата ќе изврши прелет над градскиот парк. Настап ќе имаат и децата од здружението „Трисомија 21″.
Во рамки на настанот, ќе бидат прогласени трите најдобри есеи на тема „НАТО и ТИ”, кои ќе бидат наградени со студиско патување во седиштето на Алијансата, во Брисел. Прогласени ќе бидат и победниците во денешната НАТО – Атлетска трка во три и пет километри. Првите три места од трките на пет и на три километри кои ќе бидат наградени со учество на меѓународен маратон.
На посебни штандови, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски” ќе ги претстави своите програми и можностите за студирање на Академијата, а граѓаните ќе можат да земат примерок од магазинот на Министерството за одбрана, „Штит”.