Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски денеска од средбата со жителите на Могила порача дека само паметна политика, политиката што има визија и стратегија како да ја постигне зацртаната цел, знае како од своите опоненти да направи пријатели и сојузници, во интерес на граѓаните, на младите.
– Тргнаа работите, се придвиживме и затоа мора да продолжиме. Наши министри седат на иста маса со најмоќните претставници во светот, на столчето наше во НАТО. Векови наназад други сили решавале за нас. Сега сме заедно на маса. Ако продолжиме со ова темпо, и покрај сопките на опозицијата, ќе добиеме датум за преговори, со што ни се отвораат европските фондови од 900 милиони евра годишно. Тоа е придобивка за сите, но најмногу за младите и нивната иднина, рече Пендаровски.
Според него, само паметна политика ќе не носи напред.
– Со кавги дома, со комшиите и со најголемите во светот имаме само штета. Нашите опоненти велат дека се ќе поништат што направи актуелната власт. Со тоа ќе имаме само блокади и назадување. На 21 април и на 5 мај, сите да се мобилизираме. Не може да си седиме дома и друг некој да чекаме да ја заврши работата. Мојот слоган е „Заедно напред”. Затоа да работиме сите, бидејќи отворените перспективи кон ЕУ и НАТО, носат силни економски придобивки за нашата држава и сите граѓани, за младите. Патот е трасиран, стопирање нема, одиме напред, порача Пендаровски од Могила.