Претстоечката изборна кампања за претседателските избори го раздвижи и градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски, изјави денеска на прес-конференција Злата Ташевска од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Конечно се одважи да го напушти својот кабинет и предизборно да се фотографира со тековни активности кои се минимални во споредба со неговите ветувања за време на локалните избори“, рече Ташевска, додавајќи дека граѓаните не забораваат и бараат Георгиевски да го исполни она што го ветил.
„Добро би било да им одговорите на граѓаните од урбаната заедница Керамидница до каде е изградбата на училиште и детска градинка, до каде е изградбата на базенот во урбана заедница Хиподром, изградбата на градинките во Сингелиќ, Инџиково и Трубарево. Поминува и втората година од вашиот мандат, а нема ниту една тула од најавените катни гаражи како и ветените водоводни и канализациони системи во руралните средини во општината“, рече претставничката на ВМРО-ДПМНЕ од ОК Гази Баба.
Таа го повика Георгиевски да ги остави претседателските избори бидејќи, како што кажа, не е избран и платен за да учествува во нив.
„Не го затскривајте вашето неработење со појавување во предизборната кампања. Од вашиот избор за градоначалник на општина Гази Баба, граѓаните не го забележуваат вашето присуство на терен освен во удобната градоначалничка фотелја“, нагласи Ташевска и порача дека градоначалникот има обврска да работи цело време и во интерес на сите даночни обврзници.