Шпанија од државниот буџет ќе издвои милион евра за проект за изградба на соларна електрана во зоната на нуклеарната катастрофа во Чернобил, пренесува „РИА Новости“, повикувајќи се на информации од шпанското Министерство за заштита на животната средина.
Тоа би бил вториот таков комплекс во ова подрачје.
„Украина во која се наоѓа озлогласената зона и Шпанија неодамна се согласија Мадрид да финансира проект во согласност со Протоколот од Кјото за емисиите на гасови со ефект на стаклена градина“, изјави Анхел Санчез од шпанската Канцеларија за климатски промени.
Шпанија, додал тој, ќе инвестира повеќе од еден милион евра во изградбата на објектот.
„Раша тудеј“ објави дека експертите во моментов го развиваат проектот и дека засега не е познато кога ќе започне изградбата.
Иако минаа 30 години од најголемата нуклеарна катастрофа, областа околу атомската централа во Чернобил и натаму се смета за опасна по живот поради контаминацијата.
Сепак, украинските власти отворија околу 25 квадратни километри, наменувајќи ги како локација за соларни проекти, при што досега добиле повеќе од 60 понуди од странски инвеститори од Данска, Германија, Кина и САД.