Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски денеска на средба со жителите на Новаци говореше за напредокот, за отворените перспективи за државата, за младите, за придобивките од членството во ЕУ и НАТО. Повика на слога и единство.
– Дајте слога, дајте да си помогнеме. Само паметна политика не носи напред. Ова е единствениот автопат кој не носи кон развиениот свет, кој носи подобро утре за сите, но пред се за младите. Со кавги дома, со комшиите и со најголемите во светот имаме само штета, а за тоа цената ја платија младите. Нашите опоненти велат дека се ќе поништат што направи актуелната власт. Со тоа ќе имаме само блокади и назадување, рече Пендаровски.
На 21 април и на 5 мај, како што рече, сите да се мобилизираме.
– Не може да си седиме дома и друг некој за нас да гласа. Мојот слоган е „Заедно напред”. Затоа да работиме сите, бидејќи отворените перспективи кон ЕУ и НАТО носат само добро за државата и младите. Затоа имаме рекордни инвестиции од 624 милиони евра, имаме вработувања преку гаранција за млади. Се тоа можеме да го забрзаме. Затоа е важно да продолжиме напред, порача Пендаровски во Новаци.