Триесет и шестгодишен маж, Брендон Рејнолдс, е обвинет во петокот во сојузната држава, Ново Мексико во САД, поради тоа што до смрт ја истепал неговата петгодишна ќерка бидејќи не сакала да ја напише домашната задача, јави „Еј-би-си њуз“.
Рејнолдс изјавил дека почнал да го удира девојчето околу 20 часот во четвртокот, бидејќи одбило да ја напише домашната задача и не памети што се случило потоа, се наведува во полицискиот извештај.
Таткото ја повикал службата 911 во 1 часот по полноќ бидејќи на девојчето, како што рекол, престанало да му работи срцето. Лицата од итната помош веднаш сфатиле дека станува збор за насилство врз дете и ја повикале полицијата.
Вработените од итната служба се обиделе да го вратат девојчето во живот, но немало спас.
Според полицискиот извештај, на ѕидовите во дневната соба била пронајдена крв. Истрагата утврдила дека девојчето претрпело повеќе удари со чевел и имало модринки по телото.
„Ова е трагедија и нашите службеници и истражители внимателно работат за да осигураат правда за ова мало девојче“, изјави шефот на полицијата, Мајкл Геир.
Од полицијата додаваат дека во семејството претходно немало насилство. Инаку, по разводот со сопругата, таткото го добил старателството врз девојчето поради сомнеж дека мајката консумирала марихуана.