Одлуката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за анектирање на окупираниот Западен Брег, доколку победи на општите избори, „го игнорира меѓународното право”, изјави портпаролот на турската владејачка Партија за правда и развој (АКП), јави агенцијата Анадолија.
– Нетанјаху изјави дека ќе ги анектира населбите на Западниот Брег доколку победи на изборите. Оваа изјава јасно ги игнорира резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации и меѓународното право, напиша Челик на Твитер.
Коментарите на Челик дојдоа откако Нетанјаху вети дека ќе го анектира окупираниот Западен Брег ако победи на општите избори во Израел закажани за 9 април.
Челик, исто така, истакна дека Нетанјаху се движи до степен на „целосно уништување на законот”.
Додавајќи дека потегот на Нетанјаху за окупација претставува голема закана за меѓународното право и безбедноста, тој рече дека е „време меѓународната заедница да рече доста на лудилото на Нетанјаху”, пренесува Анадолија.
Околу 650.000 еврејски доселеници моментално живеат во над 100 населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим, окупирани од Израел.
Меѓународното право гледа на Западниот Брег и Источен Ерусалим како на окупирани територии и сите активности на изградба на еврејските населби таму ги смета за нелегални, потсетува Анадолија.