Траект се забил во мост во државата Пара на северот од Бразил, по што дел од мостот во должина околу 200 метри, паднал во реката Моју.
Би-би-си објави дека во реката паднале два автомобила. Екипажот на траектот преживеал, а нуркачите ја пребаруваат реката во потрага по настрадани.
Гувернерот на државата Пара, Хелдер Барбало, прогласи вонредна состојба по несреќата. На „Твитер“ објави видео од урнатиот мост.
Мостот е изграден на патот кон Белем, едно од најфреквентните бразилски пристаништа и е долг вкупно 860 метри.
Во моментов властите организираат транспорт за локалното население, сè додека мостот не се поправи.
Како што пишуваат локалните медиуми, инспекција направена годинава открила корозија на столбовите на мостот, поради што владата побарала вонредни средства за поправка, но и покрај тоа било утврдено дека нема причина мостот да се затвори за сообраќај.